 |
|
|
Есма Реџепова - Теодосиевска порачува
Чекај животе, ми се живее
---------------------------------------------------
"Чекај животе" е новото ЦД на кралицата на ромската песна Есма Реџепова - Теодосиевска. Албумот содржи десет нови композиции плус две бонус веќе чуени "Зошто си ме мајко родила" и "Свадба македонска". На албумот Есма има и две дуетски песни "За Македонија" и "Љубовна" заедно со Наум Петрески.
Есма на вчерашната промоција истакна дека овој албум многу и значи и сака и ова нејзино дело да остане запаметено. Кралицата на ромската песна со ова ЦД вели дека се потсетува на својот живот, но бара шанса и понатаму да продолжи да се занимава со она што најмногу го сака - музиката. Албумот е еден од многуте досега издадени насекаде низ светот на жената која има одржано повеќе од 20.000 концерти, а ја препознаваат по карактеристичната боја на глас и орнаментите карактеристични само за неа. Автор на музиката и на аранжманите на повеќето нумери е Симеон Атанасов, а текстовите се на Борче Нечовски.
Албумот го издаде продукциската куќа Мистер Компани и чини 750 денари. Идната година, како резултат на оваа соработка е предвидено издавање на нов албум со ромски песни.
Утре од 13 до 14 часот во продавницата на Мистер Компани во ГТЦ, Есма ќе им биде на располагање на обожавателите кои ќе можат да го набават ЦД-то по промотивна цена од 500 денари.
Вечер, бр. 13381, 22.12.2006
А.Ѓ.
фото: А.Ивановски
|