 |
|
|
Песни и ора за душа
"Хармоникашки мелем" и "Фала мајко" се најновите наслови во издание на Мистер компани, што на музичиот пазар се појавија во почетокот на неделава. Зад албумите се потпишуваат хармоникашот Гоце Јаневски и младата битолска група Филиграни. Материјалот на Гоце Јаневски содржи 10 инструментални теми, односно македонски ора за чија комплетна реализација е задолжен самиот Јаневски. Аранжманите, пак, со исклучок на еден зад кој се потпишува С. Младеновски, се на на Љупчо Павловски. Како гости на албумот снимен во студиото Анастасија се јавуваат Еладин Усеинов, гитара, Ферус Мустафов, кларинет, и Иљми Мустафов, саксафон. Албумот, пак, на младата битолска група Филиграни со староградска музика содржи 11 теми, дел народни, а дел дело на Миодраг Нечак. Меѓу композициите снимени во студиото Микс, со исклучок на една работена кај Дејан Момировски, се "Евда", "Ајде свирачи", "Фала мајко", "Ајде да одиме во Битола", "Јас ќе одам на далеку"... Освен овие две нови изданија што може да се набават по цена од 400 денари, дознаваме, дека по барање на слушателите во продажба повторно е пуштено и ЦД-то со наслов "Песни за војводите", што го носи предзнакот едно од најпродаваните во изминатиот период.
Вечер, 22.02.2007, бр. 13431
(А.Т.)
|