 |
|
|
Точно на пладне, во вториот ден на Охрид фест, во кафулето Мецофорте Благоја Грујовски го промираше својот трет албум "Враќање".
-Преку насловот го симболизирам моето враќање на естрадата бидејќи во некоја смисла извесно време бев отсутен. Работев новинар во Македонско радио. Таму напуштив и сега сум слободен и се занимавам само со музика. Ќе ми биде многу полесно. Веќе ги имам првите резултати. Албумот намерно го промовирав во Мецофорте. Сопственикот Игор Кичеец, мојот многу добар пријател, ми направи изненадување за душа, ми донесе саксофон за да засвирам и да се потсетиме на старите денови кога таму имав свои сесии, со задоволство зборува Благоја.
13-ка е бројот на песните што ги стави на цедето од кои повеќето се нови, а оние, веќе слушнатите се преснимени ("Кому да запеам", "За љубовта наша ти пеам")... Вели дека нуди разноликост за сечиј вкус, од "типично" народни, до фолк балади и брзи - турбо фолк. Издавач е "Мистер компани", продуцент и човек кој го спакува целиот материјал е Славко Ристески од Прилеп, а преку некои текстови започна соработка со Анита Даева, кои Благоја ги смета за извонредни професионалци.
Во блиска иднина концертно ќе ги посети Канада и Америка, во декември Германија, а рано напролет и Австралија.
Спотот за баладата "Возови" снимен со "Фрејм", освен кај нас, ќе биде промовиран и на бугарската телевизија Планета.
05.09.2006, Вечер, бр. 13290
(Ва.Ѓ.)
|