 |
|
|
Во своето пестнаесетгодишно постоење, македонската продукциска куќа „Мистер компани" не практикуваше некоја голема активност со јавноста за своето работење. Промоцијата на своите музички производи ја оставаше повеќе на своите „штитеници" (главно што дејствуваат во македонската народна музика), чијашто изведба ја пренесуваше на носачи на звук. Вчера (28 септември), „Мистер компани" ќе ја претстави на јавноста (колку што е можно на едночасовна прес-конференција) својата 15-годишна дејност, во која има реализирано околу 120 наслови од областа на македонската народна музика, издадени во ЦД-формат, 15 видео ДВД-наслови, 20 наслови на ВХС и 150 аудиокасети. Од почетокот, „Мистер компани" издава тематски колекции и компилации, а сж со цел да се претстави богатството и разновидноста на македонскиот народен мелос, преку колекциите - изданија и со староградски, печалбарски, свадбарски македонски песни, како и современи народни песни од разни изведувачи. Како одбележување на петнаесетгодишнината, продукцијата издаде ЦД во МП 3-формат, со 100 македонски фолк песни, а во подготовка е цела серија ЦД-а со наслов „Најубави македонски народни песни", од која досега е издадено едно, а се планирани вкупно шест.
Покрај овие изданија, „Мистер компани" ги поддржува и издава индивидуалните албуми на македонските музичари, а меѓу најновите проекти влегуваат албумите на Ферус Мустафов, дуетот Селимова- Желчевски, Орце Стефковски, Анета Наковска, Анета Ефтимова, Јордан Митев, како и групите „Идоли" и „Мераклии".
----------------------------------------------------------------------------
Во своето петнаестгодишно постоење, „Мистер компани" е во постојана соработка со Институтот за фолклор, на кој му подари 120 ЦД-а со различни видови народна музика, во кои е содржана севкупната издавачка програма на компанијата. За одбележување на својот јубилеј „Мистер компани" наскоро планира да организира голем концерт на народна музика.
Весник, 29.09.2006
(Ј.П.)
|