 |
|
|
Елвир Мекиќ, момчето кое во последно време се врзува исклучиво со Јован Јованов како дел од авторскиот тандем во улогата на текстописец, за среда со почеток во 13 часот, во хотелот „Холидеј ин“, најавува промоција на својот деби-албум „Опасно“.
Иако дел од публиката го памети и како една половина од дуото „Тик-так“, со која пред неколку години ја освои наградата за најуспешен дебитант на Скопски фестивал, Елвир продолжува како пејач, а како адут го има албумот на кој се наоѓаат познати, но и сосема нови композиции. „Опасно“ содржи десет нумери, меѓу кои се и „Нека те заборави“, фестивалските „Опасно“ и „Некаде после два“, додека преостанатите се дело на проверениот авторски тандем: Јован Јованов - Елвир Мекиќ. Како гости на цедето се јавуваат Маја Саздановска, Иван Јованов, Адријан Гаџа, Раде Врчаковски-Врчак...
Покрај промоцијата на албумот, в среда ќе биде презентиран и новиот спот на Мекиќ правен на нумерата со која го освои третото место на „Макфест“ - „Некаде после два“.
Организатор на промоцијата е „Премиер продукција“, додека како издавач и дистрибутер се јавува дискографската куќа „Мистер компани“.
(К.Ш.)
Весник, 06.11.2007, бр. 2527
|