 |
|
|
Новиот албум со новосоздадени ромски песни на Есма Реџепова- Теодосиевска со наслов "Ту ме дуј џене", од вчера и официјално се најде меѓу фановите на нејзината музика. Материјалот што кралицата на ромската песна го промовираше на галапромоцијата во хотелот "Континентал", содржи 12 песни и излегува во соработка со продукциската куќа Мистер компани. Токму во продавницата на оваа продукција лоцирана во ГТЦ, Есма во сабота од 13 до 14 часот ќе се дружи со своите слушатели. Во текот на целиот ден сите заинтересирани ќе можат да го набават новиот ромски албум во превод "Ти и јас заедно" и тоа по специјална цена од 500 денари, инаку албумот ќе се продава по редовна цена од 750 денари.
"Со големо задволство го снимав материјалот наменет за мојата ромска публика. Две композиции се мои, а останатите се на Симеон Атанасов и Сами Зекировски. Ја преработивме "Џелем џелем" во нов модерен латино аражман, а ја има и "Песната на радоста", официјалната ромска химна. Тематиката на песните е љубовна, а мојот фаворит е нумерата "Надвор врне дожд". Ова е трето ЦД за Мистер Компани", вели Есма, додавајќи дека од овој албум не очекува финансиски ефект. Вели, верува во овој материјал од кој очекува да се издвои песна со хитовски рефрен која ќе трае како "Чаје шукарие" или "Џелем џелем".
Типува на насловната за која има и спот, а чија претпремиера се случи, исто така, вчера на Денот на Ромите. Повод повеќе за огромната посетеност на настанот на кои освен многу нејзини колеги и колешки, неколку политички фаци, ја видовме и познатата предвидувачка Клеопатра, која допатува специјално од Белград.
(А.Т.), Вечер, 09.04.2008
Фото: Ѓ.Личовски
|