Велешката група „Соната“ го промовира своето прво издание, цедето и дивиди „По трагите на песната“ преку продукциската куќа „Мистер компани“. На ова остварување „Соната“ презентира дел од богатата автентична музичко-фолклорна традиција на градот Велес, во духот во кој се препознаваат претходните исполнители на незаборавните велешки песни. Составот внесува свежина во преработките на темите и звучи „класично“, односно ја задржува автентичноста на градската музичка традиција.
„Соната“ е формирана во 2000 година. Во групата членуваат пет врвни интерпретатори. Својот репертоар, заснован на македонскиот и велешки изворен фолклор, групата го презентира и на фестивалите во земјава. Од формирањето до денес составот сними 10 новокомпонирани песни, 10 преработки на стари велешки песни и едно оро.
|