Фолк-пејачката Ирена Спасовска и музичарот Цане Петров во ресторанот "Македонска куќа" во Скопје, го промовираа дуплиот албум "Македонска етно музика", во издание на "Мистер компани". И двајцата не го кријат задоволството од она како звучи нивниот заеднички проект, во кој на поинаков начин успеаја да оживеат многу изворни песни во поинакво руво. На едниот албум се сместени 11 песни, кои ги отпеа Ирена, додека на другиот се истите во инструментална верзија. На албумите се сместени познатите "Смиљана", "Македонско девојче", "Ој девојче", "Невесто мори убава", "Ах, каде е мојто либе", "Сношти појдов мила мамо", "Ацано млада невесто", "Биљана платно белеше", "Там дека има високи чардаци", "Каде се чуло видело" и "Налеј, налеј". Освен во Македонија, овој проект ќе се продава и во странство, а за него се заинтересирани неколку издавачки куќи.
На промоцијата поддшка на Ирена и Цане им дадоа многу нивни колеги, како Зуица и Наум, Татјана и Новица, Баже Груевски, Блага, Војо, Даниела Темелковска, Анета Наковска и многу други.
Вест, 26.05.2009
|