Во весела атмосфера, и преполн ресторан со пријатели и соработници, Игор Шарески го промовираше првиот албум со наслов "Нема утро без тебе", вчера во ресторанот "Дивино".
Младиот гостиварчанец, кој е познат по добрите журки по ноќните клубови, десетте нови песни ги создавал во последниве три години, а ги снимал последниве десет месеци. Дарко Тасев, Кристијан Габровски и Влатко Плевнеш како дел од соработниците кои работеа на материјалот беа присутни на промоцијата. Дел од авторите и музичарите се и Весна Малинова, Зоран Крагуесвки, Давор Јордановски и Андријана Јаневска.
- Игор го знам од 2003 година, кога дојде да се пријави за учество меѓи дебитантите за "Макфест". Го вратив и му реков да се подобри, и да дојде за еден месец пак. Бев изненаден колку за кусо време напреднал во интерпретацијата. Му честитам што опстана на домашната поп сцена и што целиот овој проект го изработи сам, без подршка од спонзори", рече Кристијан Габровски.
Видно возбуден и среќен, Шарески им заблагодари на соработниците што заедно со него машки издржале. Албумот го издава "Мистер компани".
(М.Џ.)
Вест, 28.05.2009
|